- Почетна
- За нас
- Услуги
- Персонал
- Галерија
- Во медиумите
- Контакт
Атеросклерозата е во основа на каротидната болест. Всушност, каротидната болест е маркер за системска атеросклероза со висок ризик од настанување на мозочен удар, миокарден инфаркт и смрт од кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања.
Навременото откривање на каротидната болест, дефинирање на степенот на стенозата и правилната селекција на високо-ризичните пациенти за инвазивен третман, претставуваат главна цел на тимот лекари-кардиолози, невролози, васкуларни хирурзи.
Доплер сонографијата на вратните артерии е основен дијагностички метод. Големината на атероматозната плака, проточните брзини и процентот на стеноза имаат свој одраз врз хемодинамиката и го одредуваат видот на терапевтскиот модалитет.
Стенози до 50% се третираат конзервативно со влијание врз потенцијално модифицирачките фактори на ризик - контрола на крвниот притисок, контрола на маснотиите во крвта, оптимална гликорегулација кај пациентите со дијабет, аспирин. Контролни ултрасонографски прегледи се вршат на 6 месеци до 1 година.
Умерени и асимптоматски стенози (50 – 69%) се третираат конзервативно. Кај овие пациенти се вршат дополнителни иследувања, во правец на откривање на конкомитантна коронарна артериска болест.
При појава на симптоми, мозочен удар, транзиторна исхемична атака (ТИА), се врши оперативно лекување (каротидна ендаректомија) 6 недели по настанот. Во интервентни центри со искусен кадар, се вршат помалку инвазивни ендоваскуларни процедури – имплантирање на стент во каротидната артерија.
Кај високостепени стенози (70-99%) без оглед дали се симптоматски или асимптоматски, пристапот е оперативен.
За разлика од коронарната болест каде и тотална оклузија (100%) подлежи на интервенција, кај каротидните стенози од 100 % тоа не е случај.
Др. сци. мед. Славица Митровска
специјалист по интерна медицина
ПЗУ Промедика Медикал Центар