- Почетна
- За нас
- Услуги
- Персонал
- Галерија
- Во медиумите
- Контакт
Градната болка и стравот од појава на срцев удар со несакани последици се едни од најчестите симптоми поради кои пациентите се јавуваат на лекар. Градната болка може да се манифестира почнувајќи од вратот и градниот кош, под градната коска или грбот, до рамењата како и во горниот дел на абдоменот. Се јавува со различен интензитет, карактер и времетраење. Може да биде остра или тапа болка, прободувачка или жаречка болка, чувство на стегање и притисок во градите,чувство на вклештување, разорувачка или раскинувачка болка.
При појава на градна болка пред сѐ се помислува на срцев удар. Но, покрај срцето, извор за појава на градна болка може да биде кое било друго ткиво или орган во градниот кош - белите дробови, хранопроводот, градните мускули, ребрата и нервите. Во зависност од причината, градната болка често е придружена и со други симптоми кои помагаат за поставување на точна дијагноза.
Градната болка може да е од кардијално или некардијално потекло.
Градна болка од кардијално потекло
Angina pectoris (градна болка предизвикана од исхемија на срцевиот мускул). Оваа градна болка е предизвикана од недоволно снабдување на срцето со потребното количество на хранливи материи и кислород, најчесто поради атероматозни стеснувања на коронарните артерии (крвните садови кои го исхрануваат срцето). Провокативни фактори може да се возбуда, стрес, физички напор (забрзано одење, трчање, качување по скали), излегување на ладно, студен ветер и др. Болката се повлекува при одмор и најчесто оваа состојба непредизвикува иреверзибилно оштетување на срцевото ткиво. Освен во централниот дел од градниот кош, болката може да се шири кон вилицата, вратот, грбот, рамената (почесто левото) или долж левата рака и може да биде пратена со страв, бледило, тахикардија, зголемен крвен притисок (поретко намален), оросување со пот и др.
Миокарден инфаркт (срцев удар). Оваа состојба се јавува поради редукција на крвниот проток низ коронарните крвни садови што предизвикува иреверзибилнапромена на срцевото ткиво (изумирање на срцевите клетки). И покрај големата сличност со ангинозната болка, болката при срцев удар е поинтензивна, трае подолго и не се повлекува при одмор.
Дисекција на аорта. Станува збор за животно загрозувачка состојба при која ѕидот на аортата (главната артерија од срцето) се раслојува при што крвта се испумпува помеѓу слоевите, а тоа предизвикува раскинување на аортата проследено со многу јака раскинувачка болка во предната страна на градниот кош.
Миокардитис. Воспалението на срцевиот мускул освен со градна болка се манифестира со треска, проблеми со дишењето, замор, малаксаност. Често болката при миокардитис е слична со болката при срцев удар.
Перикардитис. Воспалението на перикардот (обвивката околу срцето) е проследено со градна болка која наликува на болката при срцев удар. Станува збор за остра болка која се шири кон горниот дел на вратот и рамото. Болката се потенцира при вдишување, голтање или лежење на грб, а може лажно да исчезне доколку телото е во седечка положба и наведнато нанапред.
Хипертрофична кардио миопатија. При оваа состојба покрај градна болка се јавува недостиг на воздух, малаксаност, вртоглавица и други симптоми.
Градна болка од некардијално потекло
Бели дробови
Пневмонија. Инфекцијата на белите дробови се манифестира со треска, покачена температура, продуктивна кашлица (кашлица со искашлок), а често се јавува и градна болка која може да биде со различен квалитет и интензитет.
Плевритис. Воспалението на плеврата (белодробната обвивка) често е пратено со градна болка која се влошува при вдишување, кашлање или кивање.
Пулмонален емболизам. Станува збор за состојба при која тромб (згрутчена крв) патува низ циркулацијата и се заглавува во крвните садови на белите дробови. При ова заболување, покрај градна болка, се јавува отежнато дишење и забрзана срцева фреквенција.
Пулмонална хипертензија. Високиот крвен притисок во пулмоналните крвни садови може да биде причина за појава на градна болка.
Астма. Ова заболување се карактеризира со инфламација на дишните патишта и се манифестира со недостиг на воздух, визинг (чујно свирливо дишење), кашлица и во одредени случаи градна болка.
Пневмоторакс. При оваа состојба дел од белодробното ткиво колабира и се ослободува воздух во градниот кош. Во овој случај градната болка се потенцира при вдишување.
пишува Д-р. Сузана Мијовска, спец. интернист