- Почетна
- За нас
- Услуги
- Персонал
- Галерија
- Во медиумите
- Контакт
Дали треба да имате посебна исхрана ако имате само еден бубрег? Повеќето лица со еден здрав бубрег немаат потреба од посебна исхрана. Но, важноста на здравата исхрана се зголемува. Тоа е исхрана со умерен внес на белковини и малку сол. Обидете се да го зголемите внесот на растителна храна (овошје, зеленчук, житарки цело зрно), минимизирајте го внесот на рафинирана, преработена храна која е богата со нездрави шеќери, сол и препржено масло. Се додека имате нормална бубрежна функција не треба да следите специјална диета.
Контролирајте го внесот на сол затоа што солта во телото задаржува вода во ткивата и крвта и го покачува крвниот притисок. Бубрегот треба да го филтрира вишокот на сол во урината и бубрегот се оптеретува со работа. Се препорачува дневен внес на сол пет до шест грама што е помалку од една лажичка. Интересно е дека голем дел (26%) од дневниот внес на сол се внесува со лебот и печивата. Наместо сол користете зачини за да го подобрите вкусот на храната. Избегнувајте преработена и конзервирана храна која е богата со сол.
Бидете внимателни со белковините. Премногу белковини во храната го оптоварува со работа вашиот бубрег. Ако имате еден бубрег поприемчиви сте за состојба наречена ПРОТЕИНУРИЈА (премногу белковини во урината). Протеинуријата прави задршка на сол и вода и води до компликации. Внесот на белковини треба да е 10 до 35 % од дневниот внес на калории. Белковини внесувајте од посно месо, јајца, грав, леќа, млечни производи со малку маснотии, риба, јаткасти плодови. Се препорачува умерен внес на белковини, 0.8 грам на килограм телесна тежина.
Изберете здрави јаглехидрати и масти. Остатокот од внесените калории доаѓа од здрави шеќери (сложени јаглехидрати) и масти. Шеќерите треба да се 45-65% од дневниот внес на калории. Здрави шеќери се зеленчук, овошје и житарки цело зрно. Мастите треба да се 20-35% од дневните калории. Здрави масти се риба, јаткасти плодови, семки, растителни масла.
Ладно цеденото маслиново масло е бомба од хранливи материи, масни киселини, омега-6, омега-3, витамин Е и К, антиоксиданси.
Нема потреба од екстра внес на течности ако имате еден бубрег. Но внимавајте постојано да бидете добро хидрирани. Сите метаболни процеси во телото имаат потреба од вода. Се препорачува да се пијат 6-8 чаши вода на ден.
Регуларна физичка активност е неопходна за да се одржи оптимално бубрежно здравје. Физичката активност помага за контрола на крвниот притисок, ја зголемува осетливоста на хормонот инсулин и помага во превенција на дијабетес тип 2 кој е главна причина за бубрежна слабост денес во светот. Со вежбање се подобруваат циркулацијата и метаболните функции, токсините и другите отпадни материи се исфрлаат од телото.
Пишува д-р спец. Маја Милованчева - Поповска, интернист-нефролог