- Почетна
- За нас
- Услуги
- Персонал
- Галерија
- Во медиумите
- Контакт
Познато ни е дека на развојот на детето делуваат повеќе фактори. На пример, не се само генетските предуслови тие кои го одредуваат развојот на мотивацијата кај детето. Ние сме социјални битија и како такви имаме потреба од врзување со други индивидуи, потреба да припаѓаме на заедницата, потреба од љубов и признание. Недостигот од љубов, грижа од родителите, како и чуство на заштитеност се одразува и на органски план, со тоа што лимбичкиот систем на детето ќе остане недоволно развиен. Овој систем е одговорен за емоциите, учењето и помнењето. Емоционалните трауми и семејните релации во кои нема соодветна и задоволителна комуникација резултираат со последици кои се одразуваат на однесувањето на детето, како и на процесот на учење.
Луѓето имаат потреба да бидат признаени и почитувани како индивидуи. Тоа ги исполнува и ги мотивира на повеќе нивоа. Детето исто така има потреба да биде доживеано како мала личност, различна од сите други, со свои барања, потреби и желби. Ако тоа не е доживувано на овој начин од околината, детето го чуствува тоа и почнува да губи интерес за контакт и поврзување, нема волја да ја следи наставата и активно да учествува на часовите.
Од друга страна пак, овој ефект врз детето може да го даде и прекумерниот притисок од страна на родителите и училиштето, односно да ја потисне неговата мотивација поради недостиг на слободно време или задавање на превисоки и недостижни цели (ова можеме да го увидиме кај деца кои учат бавно, без радост и т.н.). Важно е родителите да ги препознаат своите потреби кои можe да се разликуваат од потребите на детето, да го уважуваат и да му помогнат да го оствари својот потенцијал преку поттикнување на љубопитноста и опсипување со љубов и внимание.
Нежните, позитивни односи во семејството, во кои децата се чуствуваат комфорно, сакано и заштитено се најважната основа за здрав развој на мозокот, вклучувајќи го и мотивацискиот систем. Колку повеќе љубов има на неговиот пат кон осознавање на светот, со што помалку забрани и казни, толку ќе биде помал неговиот страв и неговата љубопитност ќе се развива повеќе. Секако, не смееме да ја заборавиме и позитивната страна на стравот кој како заштитен механизам го штити детето од претерана склоност кон авантури, на пример, средби со непознати луѓе или животни. Но кога истиот е претеран, станува пречка поради која детето неможе да се стекне со нови знаења и искуства. Се покажало дека децата кои имаат цврста емоционална врска со мајката и со останатите семејни членови, во иднина се повеќе способни и помалку се плашат од неуспех.
Родителите се пример кои децата го следат. Тие гледаат и учат како родителите се справуваат со емоциите, животните збиднувања и токму тие се оние кои на децата им го пренесуваат ентузијазмот, љубопитноста и светогледот.
Со детето посетувајте музеи, изложби, забавни паркови, одете во природа, заедно читајте енциклопедии и разноврсни книги, гледајте филмови, дозволете му да види кои активности ги опфаќа вашата работа, помогнете му да се здобие со знаење за нови места, култури и традиции и секако, овозможете му да комуницира со повеќе луѓе преку кои ќе стекне нови и различни сознанија.
Доколку сметате дека вашето дете има потешкотии со мотивацијата и не успевате да ја поттикнете неговата љубопитност и мотивираност, обратете се кај психолог кој може да ви помогне со разни техники и стручни совети кои одговараат за вашето дете.
Автор на текстот:
Доковска Тина, Психолог, семеен и системски психотерапевт
Превземено од www.bebeboom.mk