- Почетна
- За нас
- Услуги
- Персонал
- Галерија
- Во медиумите
- Контакт
Воспаление на увото во детската возраст најчесто се манифестира како воспаление на средното уво ( otitis media) и надворешното уво т.е надворешниот слушен канал (otitis externa), со сите можни потенцијални компликации. Најчесто се јавува во период од 6 месеци до 3 години, како и во пред школската возраст. На ова воспаление се подлежни сите деца, а посебно оние со послаб имунитет, кои се постојано изложени на дим од цигари, живеат во лоши социо-економски услови, престојуваат во колективни средини како градинки, јасли, пред школски установи како и деца со кранио-фацијални малформации (расцеп на меко, тврдо непце, усни) и деца со генетски предиспозиции.
Причинители на воспалението најчесто се бактерии (Streptococus pneumoniae, Heamofilus influence, Moraxella catarrhaliss,Staphylococcus aureus) и вируси, кои обично предходат на бактериската инфекција. Кај деца помали од 6 недели како причинители често може да се јават грам негативни бактерии како Escherichia coli, Klebsiella, Pseudomonas.
Бактериите во средното уво најчесто продираат од носот и грлото, а ретко може да се пренесат и по крвен пат. Сепак најчест начин за инфекција на средното уво кај дете се инфекции на носот и грлото, кои се пренесуваат на увото преку Евстахиевата туба која всушност преставува коскено-рскавичен канал кој го поврзува средното уво со назофарингеалниот простор кој се наоѓа позади носот т.е на преминот на носот и грлото. Опструкција на тубата од било која причина претставува исто така предиспонирачки фактор за воспаление на увото.
Речиси секогаш воспалението на увото започнува со знаци на горно-респираторна инфекција, настинка – запушан нос, обилен секрет кој излегува од носот или се слева ретро-назално низ грлото и предизвикува надразителна кашлица. Во почетокот не мора да се јави покачена температура, но ако дојде до воспаление, темературата обично се покачува и се јавува болка во увото.
Постарите деца сами се жалат на болка и може да посочат кое уво ги боли. Покрај болката се јавува и чувство на затнатост на увото и намален слух. Кај помалите деца и новороденчиња болката во увото често е придружена со температура, иритабилност, пролив и повраќање. Децата стануваат доста нервозни (кенкави), а се јавува и карактеристичен продорен плач. Детето нагло се буди од сон со врисок кој продолжува во силен плач кој не престанува и покрај тоа што детето ке се земе во рака. Во тој период обично и темперетурата е покачена- колку е детето помало, толку е температурата повисока. Детето го фаќа или ја врти главата на страната на болното уво, одбива да зема храна, одбива да цица, а често плачот се појачува при цицањето. Понекогаш може да се види и секрет (слузав, гноен, сукрвичав) кој се дренира преку надворешниот слушен канал.
Третманот го одредува лекар оториноларинголог врз основа на локалниот наод и клиничката слика.
За лекување на инфекцијата се ординира антибиотска терапија, како и капки за нос кој не смеат да се ставаат повеќе од 5-7 дена. Основно е да се обезбеди проодност на носот за да може да се постигне нормална вентилација и дренажа на средното уво. Покрај капки во носот, се препорачува детето да го дува носот, а не да го повлекува секретот према назад како би се превенирало продирање на овој инфективен секрет од носот во средното уво.
Терапијата трае најмалку 7дена, доколку е потребно и подолго и бара строга дисциплина во третманот како би се превенирале сериозни компликациите кои секундарно може да се јават при нелекуван или не долекуван отит. Потребен е контролен отоскопски преглед за да се верификува успешноста на терапијата. Треба да се истакне дека ефектот од антибиотикот се гледа после 2-3 дена.
При појако изразени симптоми се ординираат аналгетици- за намалување на болка и антипиретици- за намалување на температура. Топли облоги на увото може исто така да придонесат во намалување на болката.
Не се препорачува родителот на своја рака да аплицира било што во надворешниот канал на увото. Помошни лековити средства покрај основната терапија, може да се користат единствено доколку ги препишал лекар, никако самостално бидејќи немаат ефект и може да ја влошат состојбата.
Родителите во голема мера може да помогнат во спречување на воспалението на увото кај нивното дете.
Чести воспаленија на средното уво кај деца бараат детален преглед и иследувања од специјалист оториноларонголог.
Треба да се види дали постои зголемена аденоидна вегетација ( трет крајник), кој често знае да ја затвара Евстахиевата туба и може да биде причина за чести воспаленија на увото со намалување на слухот.
Специјалистот за уво, нос и грло ќе одлучи дали е потребен евентуален хирушки третман, а доколку третитот крајник не изускува вадење, во соработка со педијатар ке се донесе одлука за медикаментозна терапија.
Автор на текстот:
Оториноларинголог
Др.Бојана Силјановска
Превземено од www.bebeboom.mk